fbpx „Отворено депо“ – музеј што го крие светот на уметноста | Studio John & Johny
20
Nov
2020

„Отворено депо“ – музеј што го крие светот на уметноста

На 27 септември 2020 година беше отворен за јавност новиот објект Депо Боијманс Ван Баунинген (Depot Boijmans van Beuningen) во Ротердам, Холандија. Зградата Депо е дизајнирана од холандската фирма МВРДВ и целосно ќе биде отворена при крајот на идната година. Објектот го привлече вниманието на светската јавност не само заради својот архитектонски изглед, туку и заради тоа што е прв музеј во светот којшто ја изложи целокупната музејска колекција од 150 илјади уметнички дела во новото мамутско складиште – Депо. Ротердамците се навикнати на атрактивна архитектура, но она што оваа зграда ја прави необична е и нејзината функција и нејзиниот изглед и тоа што е едноставно кажано складиште. Дали овој модел на „отворено депо“ е експеримент или иднина?

ОБЈЕКТ СО ТРКАЛЕЗЕН ВОЛУМЕН

Објектот со височина од 39,5 метри, П+6 ката и површина од 15 илјади квадратни метри е лоциран до главната зграда на музејот Боијманс Ван Баунинген. Волуменот е тркалезен со дијаметар на долниот базис од 40 метри кој се шири нагоре до дијаметар од 60 метри. Во приземјето со привлечен влезен простор со музејска продавница и кафетерија, сместени се и сите простории за уметничко ракување (пакување, утовар-истовар, карантин, климатизација). Во централниот атриум, со височина од шест ката сместени се сите депоа, експертски центар и кино.

Вкупната височина до стаклениот кров – купола изнесува 30 метри. Многу од уметничките дела висат или стојат во атриумот. Катовите се поврзани со вкрстени скали што лебдат, што помалку потсетуваат на вртоглавите скици на италијанскиот архитект од осумнаесеттиот век Џовани Батиста Пиранезе. Јавната рута поминува цик-цак низ зградата од атриумот во приземјето до изложбениот простор, градината со скулптури и ресторанот Депо на кровот. На патот спрема горните катови рутата минува низ уметничките депоа и реставраторските работилници. Изложбата може да се менува секојдневно со едноставно помрднување на витрини за одлагање. Зградата има простории за уметнички колекции кои не се достапни за пошироката јавност и простор за приватни уметнички колекции, што е новина во комерцијалната услуга која музејот ја нуди. Посетителите кои ќе тргнат во обиколка со водич и чувар можат да ги видат просториите за ракување со уметничките дела, недогледните изложбени простори кои содржат од големи инсталации до слики од старите мајстори, модерни фотографи, од робусни скулптури до најделикатен порцелан.

ФУТУРИСТИЧКИ ДИЗАЈН

Конструкцијата и дизајнот на објектот се футуристички. Со својот тркалезен волумен и облога од 1.664 рефлектирачки стаклени панели на фасадата закривени во дијаметарот од 40 метри, фасадата ги отсликува зградите околу музејскиот парк, околното зеленило и сивите облаци на небото. Како фатаморгана над огледалната чинија ѕиркаат врвовите на 75 дрвја од кровната шума на Депото. Од кровот посетителот има поглед на паркот Ротердам од 360 степени.

На кровот има парковски дел со уметнички дела од колекцијата на музејот, бесплатно достапни за сите посетители. Меѓу дрвјата се наоѓа ресторанот, со тераса на која посетителите може да уживаат во убавиот поглед на градот. Навечер објектот се претвора во прекрасен светлечки фенер и блеска во срцето на музејскиот парк. Објектот е опремен со најсовремена техника, материјали и економична употреба на вода и енергија, ги исполнува сите критериуми за името БРЕЕАМ  и претставува пример за одржливост.

Како архитект ме фасцинира архитектурата со вакви дострели, но не можев да останам рамнодушна на остатокот од приказната за творечкиот процес од идеја до реализација, кој го долови новинарот на Гардијан: „Во атриумот, Сјарел Екс, директор на музејот изгледа како човек кој сѐ уште не може да поверува дека тоа се случило. ’Ковчег со богатство, зарем не?‘ извикува тој, покажувајќи на вртоглавата решетка од стаклените скали над нашите глави. Секој предмет што го имаме ќе биде изложен. Зградата е обид да се сврти Боијманс однатре. Наместо затворање на кралскиот накит далеку од очите, тој е во ’отворенo складиште‘.“ Екс и неговите колеги сметаат дека ова е прв пат некој да изгради отворено депо за сместување на целата музејска колекција. „Ова е радикален чекор и се плашам дека по малку сум Холанѓанец“, ќе рече тој.

ОД СКЛАДИШТЕ ДО АТРАКЦИЈА

Музејот Боијманс Ван Баунинген се наоѓа во монументална зграда чие уметничко депо е под нивото на морето и затоа постои ризик од поплави. Идејата почнала да се раѓа од подрумските складишта кои се поплавиле во 2013 година. Иако штетата не била многу голема било очигледно дека музејот треба да се надгради особено што 90 отсто од Ротердам е под нивото на морето, а со климатските промени процентот се зголемува. Екс дојде на идеја да ги претвори складиштата во атракција за посетители, наместо да изгради нешто во анонимна индустриска зона. Водејќи се од англиската изрека дека тоа што не може да се види не е запаметено, почна да созрева идејата за отворено депо. Толку многу работи што музејот ги прави се случуваат во мрак, ќе рече тој. Во овој објект јавноста ќе може да ги гледа и експертите кои ќе работат на чување и реставрација на делата, а новото отворено уметничко складиште и неговите колекции ќе учествуваат во културниот живот на градот.

Архитектот Вин Мејс се сложи дека идејата е особено привлечна, но тешко изводлива, а светлоста сама по себе е проблем. Условите на музејот се јасни и децидни: суперквалитетен климатски уред кој ќе ја направи животната средина без прашина, структурата поделена на пет климатски зони за различни врсти артефакти, некои од предметите може да висат на подвижни носачи во 13 витрини поставени низ зградата, а предметите осетливи на светлина ќе се држат во запечатени ормани и ќе се прегледуваат само по договор.

ОТВОРЕНО ДЕПО Е БЕЗБЕДНО РЕШЕНИЕ

На прашањето за безбедноста следува прашањето што е побезбедно: ставање депо на периферија на градот или овде во центарот опкружено со луѓе. Малку од музеите го обелоденуваат фактот дека она што го гледаме во нивните галерии е само мал дел од тоа што го поседуваат. Вообичаено е 95 отсто од повеќето колекции да се заклучени. Во многуте дискусии на стручњаците од оваа област провејува сознанието дека отворено депо е единствено решение, но има многу предизвици и кај многу од нив беше примено со скепса. Се редеа прашањата: дали е тоа начин на кој музејот работи, дали некој има апетит да види два до три милиони чудни предмети и книги, за што се наменети кустосите, ќе сака ли некој да дојде во депо или на убаво уредена изложба во музејот? На сите овие прашања Екс клима со глава и вели: „Проекти како нашиот се експеримент, ќе видиме.“

Депото е делумно пуштено во употреба. Во декември уметници од разни области ќе можат да се движат меѓу музејските збирки на Рембрант, Бош, Магрит, Дали и околу многуте уметнички предмети. Во потполност ќе се отвори кон крајот на идната година. Земајќи го предвид целиот мисловен и творечки процес, кој вклучува тло, безбедност, климатски промени па и храброст, излишно е прашањето дали фасадата што крие еден цел свет на уметноста е објект кој храбро чекори во иновативни промени во музеолошката дејност. Дали е само експеримент или поглед во иднината останува да се види.

Архитекти – MVRDV

Предводник – Winy Maas

Партнер – Fokke Moerel

Тим – Winy Maas, Jacob van Rijs, Fokke Moerel, Sanne van der Burgh, Marta Pozo, Gerard Heerink, Elien Deceuninck, Saimon Gomez Idiakez, Jose Ignacio Velasco Martin, Jason Slabbynck, Mariya Gyaurova, Lukasz Brzozowski

Проектантски тим – Sanne van der Burgh, Arjen Ketting, Gerard Heerink, Jason Slabbynck, Rico van de Gevel, Marjolein Marijnissen, Remco de Haan, Fedor Bron

Визуализација – Antonio Luca Coco, Matteo Artico, Carlo Cattó

Развој и стратегија – Jan Knikker, Irene Start

Изведба – BAM

Конструкција – IMd Raadgevend Ingenieurs

Инсталација – RHDHV

Фасадни консултанти – ABT

Градежна физика – Peutz

Екологија – BREEAM Excellent (goal)

Фотографии – Ossip van Duivenbode, Rob Glastra, MVRDV

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл.инж.арх.

Source: