Ќе се намалат ли цените на становите во Скопје?
Во Скопје има голем број станови кои се празни, како во новоизградените станбени згради, на кои поради алчноста на инвеститорите и сопствениците на локациите со секој ДУП им се зголемува катноста и вкупната изградена површина, исто така и во старите згради. Како последица на ова, прашање на време е кога цените на становите во Скопје ќе почнат да одат надолу.
Дел од експертите се со мислење дека надуениот балон со цените во Скопје, кои достигнуваат цени и повеќе од 1250 евра за квадратен метар станбен простор, ќе почне да пука, а цените ќе доживеат пад, анализира marketing365.mk.
Експертите од Агенциите кои го следат трендот на недвижностите во градот, велат дека растот на цените периодов не е воден од економската логика на понуда и побарувачка, туку од порастот на цените на дел од градежните материјали. Со оглед на тоа што светскиот пазар на основните материјали за градба полека почнува да се стабилизира, се очекува дека и цените на становите во Скопје ќе почнат да се намалуваат со оглед на тоа што сегашните цени се реално недостапни за повеќето од граѓаните.
Советот на експертите е дека кога се купува стан не треба да се брза. Во Скопје постојано се гради, инвеститорите заработуваат нереално, а периодов многу станови остануваат непродадени.
“Почекајте да се стабилизира пазарот, да се намалат цените и купувањето да има реална економска логика” – заклучуваат експертите.